Протестот ќе започне во 17 часот кај Белата кула, а на него се очекува да пристигнат земјоделци од повеќе делови на Грција. Тие најавија дека на протестот ќе дојдат и со трактори, што може дополнително да влијае врз сообраќајот во градот.
Меѓу главните барања на земјоделците се обезбедување поголема поддршка за нивните приходи и намалување на трошоците за производство, кои во изминатиот период значително го оптоваруваат земјоделскиот сектор.
Тие бараат и промени во системот за земјоделско осигурување, заштита на субвенциите, како и воведување ограничувања за увозот.

Покрај тоа, земјоделските производители бараат да им бидат отпишани натрупаните долгови, да се зголемат пензиите и да добијат соодветна финансиска компензација за загубите што ги претрпеле во земјоделството.
Најавениот собир претставува продолжение на протестите и барањата што земјоделците ги започнаа во јануари годинава. Тогаш тие поставија блокади на главните патишта низ Грција, а подоцна ги прекинаа, со предупредување дека повторно ќе преземат порадикални мерки доколку нивните барања не бидат исполнети.
Уште тогаш земјоделците порачаа дека се подготвени да го блокираат и Меѓународниот саем во Солун, доколку надлежните не преземат конкретни чекори за решавање на нивните проблеми.
