Каква е состојбата со загадувањето на Преспанското езеро
Актуелно

Каква е состојбата со загадувањето на Преспанското езеро

22. 07. 2026.

Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека ризикот од загадување на Преспанското Езеро е низок, но отпадните води и неуредената инфраструктура остануваат закана.

Преспанското Езеро ова лето е со релативно стабилна состојба, а водата на најголем дел од мерните места ги исполнува законските критериуми за квалитет, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

За разлика од Охридското Езеро, каде што проблемите со отпадните води и канализациската инфраструктура се оценуваат како сериозна закана, кај Преспа ризикот од загадување е проценет како низок.

Тоа значи дека засега нема алармантна состојба за капачите и туристите, но експертите предупредуваат дека дел од старите проблеми сè уште не се решени.

Најголем предизвик останува управувањето со отпадните води. Во делови од преспанскиот регион тие и понатаму се собираат во попивни јами, а одреден број викендички и објекти немаат соодветно решение за одведување на фекалните води.

ИЈЗ препорачува итно подобрување на системите за собирање и третман на отпадните води, како и поефикасно управување со цврстиот отпад во населените места и туристичките зони околу езерото.

Додека состојбата во Преспа е оценета како постабилна, најголем ризик и понатаму постои кај Охридското Езеро, каде што неисправната канализација, фекалните води и големиот број објекти кои не се приклучени на колекторскиот систем претставуваат сериозна закана за екосистемот.

Кај Дојранското Езеро, пак, главен проблем се загадувањата од земјоделството – пестицидите и вештачките ѓубрива кои преку површинските води можат да стигнат до езерото. Од ИЈЗ порачуваат дека долгорочната заштита на трите природни езера бара целосно функционирање на колекторските системи и приклучување на сите објекти на канализациските мрежи.

Преспа засега останува безбедна за капење, но состојбата покажува дека без сериозни инвестиции во инфраструктурата, старите еколошки проблеми можат повторно да се вратат.