Над 1.800 семејства побарале ин-витро на товар на државата
Актуелно

Над 1.800 семејства побарале ин-витро на товар на државата

04. 09. 2026.

Вкупно 1.883 барања за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) биле поднесени и разгледани во периодот од август 2025 до август 2026 година, информираат од Фондот за здравствено осигурување.

Од нив, 237 барања биле за четврти, петти или шести обид, откако бројот на обиди на товар на Фондот беше зголемен од три на најмногу шест.

Најголем дел од дополнителните барања – 216, биле за четврти обид. За петти обид имало 17 барања, а четворица осигуреници побарале и шести обид.

Од Фондот посочуваат дека промените им олеснуваат на семејствата кои се соочуваат со проблеми при остварувањето на желбата да станат родители. Дополнително, административната постапка е поедноставена, а известувањата за одобрено право се доставуваат електронски.

Само во текот на 2025 година, за БПО постапки биле реализирани над 97,3 милиони денари.