Компанијата на Викторија Бекам за првпат оствари профит по 18 години работење
Актуелно

Компанијата на Викторија Бекам за првпат оствари профит по 18 години работење

02. 09. 2026.

Компанијата на Викторија Бекам за првпат оствари оперативен профит откако модниот бренд го основала во 2008 година. Victoria Beckham Holdings Ltd, во која поранешната членка на групата Spice Girls е креативен директор, остварила оперативна добивка од 7,3 милиони фунти во 2025 година, по години работење со загуби.

„Сите долго и напорно работевме за овој момент на профитабилност и раст“, изјавила Бекам за „Financial Times“.

Таа навела дека компанијата отворено зборувала за проблемите со кои се соочувала, но успеала да се опорави и сега расте со „разумно темпо“. Според неа, по речиси две децении работење, нејзиниот бренд повеќе не се гледа само како „бренд на славна личност“.

Успех во сегментот за убавина

Минатогодишниот документарец на Netflix за Викторија Бекам ги прикажа нејзините обиди да изгради успешен моден бренд и да ја доведе компанијата до профитабилност. Серијата истовремено придонела и за зголемување на продажбата, особено кај производите од тексас и џерси, се наведува во финансиските извештаи на компанијата.

Модниот сегмент во 2025 година забележал силен двоцифрен раст, додека бјути-сегментот, кој бил лансиран во 2019 година, остварил еден од најдобрите резултати досега.

Растот на бизнисот со производи за убавина го предводела популарноста на производот Foundation Drops. За него имало листа на чекање од 25.000 купувачи, а производот придонел обемот на делот за нега на кожа да се удвои.

Документарецот на Netflix ги прикажал и финансиските проблеми со кои се соочувала компанијата. Бекам зборувала за нејзините обиди модната индустрија сериозно да ја сфати како дизајнерка и претприемачка, но и за периодот кога компанијата била „десетици милиони фунти во минус“.

Тогаш во помош ѝ пристигнал сопругот Дејвид Бекам, кој во документарецот зборувал за тоа колку било тешко за неа повторно да побара дополнителни средства од него за работењето на компанијата.

„Да не веруваше во мене, денес повеќе немаше да имам компанија“, изјавила Викторија Бекам.

Компанијата во 2017 година добила инвестиција од 30 милиони фунти, откако 30 отсто од сопствеништвото било продадено на инвестициската компанија NEO Investment Partners. Новиот инвеститор потоа започнал со преструктурирање на работењето.

Од големи трошоци до профитабилен бизнис

Преструктурирањето опфатило и намалување на непотребните трошоци и расфрлањето со ресурси. Бекам претходно зборувала за, како што го опишала, „неверојатното“ ниво на расфрлање во компанијата.

Како пример навела дека столици биле испраќани со авион од едниот до другиот крај на светот. Претседателот на NEO Investment Partners, Дејвид Белхасен, пак, открил дека компанијата трошела околу 70.000 фунти годишно за растенија во канцелариите.

Белхасен, кој денес е претседател на управниот одбор на Victoria Beckham Holdings, оценил дека компанијата, благодарение на двата клучни сегменти – модата и убавината, сè поголемата меѓународна база на купувачи и поефикасниот деловен модел – е добро позиционирана за следната фаза на профитабилен раст.

Извршната директорка на компанијата, Сибила Дарсикаре Лунел, навела дека првиот оперативен профит претставува „пресвртница“ за Викторија Бекам и резултат на повеќегодишно дисциплинирано работење и стратешки инвестиции.

Особено значајно е, додала таа, што резултатот е остварен во период на предизвици за луксузниот сектор, но и во пошироко сложено макроекономско опкружување.