Иако Владата воведе мерки за намалување на цените на училишниот прибор – 10% кај големопродажбата и најмалку 15% во малопродажбата, дел од родителите велат дека трошоците и понатаму се високи.
Според проценките, основниот училишен прибор за едно дете чини околу 3.000 денари. Со нови патики, облека и друга опрема, вкупниот трошок може да достигне 7.000 до 12.000 денари, а и повеќе за брендирани производи.
Дополнителен товар за семејствата се и приватните часови, курсевите и спортските активности. Еден приватен час може да чини од 300 до 800 денари.
Трошоците доаѓаат во период кога домашните буџети се веќе оптоварени. Синдикалната минимална кошница за август изнесува 68.675 денари, додека последната објавена просечна нето-плата изнесува 48.433 денари.
Од ССМ порачуваат дека покрај намалувањето на цените, потребен е и раст на платите, додека Владата очекува економски раст од 3,5 до 4% годинава.
За споредба, во Белград учениците добиваат по 20.000 динари годишно за училишни трошоци, додека Косово обезбедува субвенции за учебници и училишен материјал.
